Антибиотици и дигестивни нарушувања
Употребата на антибиотици го намалува бројот на бактерии кои се дел од здравата микрофлора на цревата. Започнуваат да преовладуваат бактерии кои не се осетливи на антибиотик, тие се штетни и предизвикуваат дигестивни нарушувања.
Со оглед на ширината на спектарот на дејство врз микроорганизми, антибиотиците се делат на:
- антибиотици со тесен спектар (уништуваат само еден вид бактерии)
- антибиотици со широк спектар (уништуваат повеќе видови бактерии)
Дигестивните нарушувања најчесто се јавуваат при употреба на антибиотици со широк спектар, кои како активна компонента содржат:
- амоксицилин
- амоксицилин и клавулонска киселина
- клиндамицин
- различни цефалоспорински антибиотици
Поради можноста за појава на дигестивни нарушувања при антибиотска терпаија, се препорачува употреба на испитани пробиотски култури уште од првиот ден од употребата на антибиотик. Пробиотикот треба да се употребува во текот на целото времетраење на антибиотската терапија и најмалку една недела после терапијата.
Несакани дејства при употреба на антибиотик
Секој лек (не само антибиотик) има несакани дејства кои најчесто се лесни и минливи. Колку е поширок спектарот на делување на антибиотикот, толку е поголемо влијанието врз микрофлората на цревата, а последица е поголема веројатност за појава на штетни несакани дејства. Всушност, антибиотиците не разликуваат добри од лоши бактерии и затоа ја нарушуваат рамнотежата на микроорганизми во цревата.
Затоа најчесто несакани дејства при употреба на антибиотици се:
- дијареа
- болки во стомакот
- гасови
- намалена отпорност на организмот
Ова се главно лесни до умерени нарушувања, а поретко се јавуваат и многу тешки – псеудомембранозен колитис, а причината е зголемена концентрација на бактеријата Clostridium difficile.
Ако дигестивните нарушувања се умерени до тешки, понекогаш пациентите може да ја прекинат употребата на антибиотикот, а на овој начин се намалува нивната ефикасност и се зголемува отпорноста на бактериите кон антибиотици. Меѓутоа, исто така нарушената цревна микрофлора може да биде причина за појава на синдром на раздразливи црева.
Истовремена употреба на пробиотици при употреба на антибиотици ја спречува појавата на дигестивни нарушувања и овозможува успешна терапија со антибиотик. На овој начин се зголемува успешноста на лекување на инфекции и се намалува можноста за појава на отпорност кон антибиотици.
Неколку кратки упатства за дозирање
При употреба на пробиотикот треба да се земе во предвид дека тие се бактерии и се осетливи на антибиотици. Затоа помеѓу дозата на антибиотик и земањето на пробиотик најдобро е да има разлика барем 2 часа.
Со оглед на тоа што дејството на антибиотикот врз цревната микрофлора може да трае и после завршувањето на терапија со антибиотик (како појавата на дијареа), се препорачува да се продолжи со употреба на пробиотик најмалку уште една недела после завршување на антибиотската терапија, а може и подолго.
Важно е да одберете квалитетни и докажано ефикасни пробиотски бактерии. Една од нив е Lactobacillus rhamnsus GG, за која студиите покажуваат дека ја намалува зачестеноста на дигестивни нарушувања при употреба на антибиотици за 65%.
Литература:
- Floch et al: Recommendations for probiotics use – 2015 update, Proceedings and Consensus Opinion. J Clin Gastroenterol. 2015; 49:S69-73
- Guarino et al: European Society for Pediatric Gastroenterology, Hepatology, and Nutrition/ European Society for Pediatric: Infectious Diseases evidence-based guidelines for the management of acute gastroenteritis in children in Europe update 2014. J Pediatr Gastroenterol Nutr. 2014;59:132–152.
- Guarner et al: World Gastroenterology Organisation Global Guidelines: probiotic and prebiotics. February 2017.
- Jernberg et al: Long-term impacts of antibiotic exposure on the human intestinal microbiota. Microbiology. 2010 Nov; 156(Pt 11):3216-23.
- Orel: Intestinal microbiota, probiotics and prebiotics: comprehensive textbook for health professionals. Institute for Probiotics and Functional Foods, Ljubljana, 2014. 146-161.
- Vanderhoof et al: Lactobacillus GG in the prevention of antibiotic-associated diarrhea in children. J Pediatr. 1999 Nov;135(5):564-8.